Новости и настани

Рускиот центар при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ - Скопје, кој е основан со поддршка на Фондацијата „Руски мир“, во рамките на програмата за бесплатно изучување на рускиот јазик, во вториот турнус обучи 600 кандидати и тоа како на основно, така и на средно и на напредно рамниште. Во рамките на курсевите, слушателите имаа можност да добијат знаења од домашни, но и од руски предавачи, чиј мајчин јазик е рускиот. По тој повод на завршените курсисти денес во просториите на Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје им беа доделени сертификати.

На настанот покрај бројните курсисти присуствуваа и амбасадорот на Руската Федерација во Република Македонија, Н.Е. Олег Николаевич Шчербак, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Никола Јанкуловски, проректорите на Универзитетот, директорот на Рускиот центар при Универзитетот, проф. д-р Велимир Стојковски, претставникот на Россотрудничество во Република Македонија, г. Артјом Румјанцев, професорите по руски јазик и претставници на медиумите.

Настанот го отвори директорот на Рускиот центар, проф. д-р В. Стојковски, кој меѓу другото кажа:

„... Јазикот за чие што познавање денес добивате сертификат, несомнено е еден од најзначајните и најраспространетите јазици во светот. Неговата распространетост може да се илустрира само преку неколку факти: Денес во светот 170 милиони луѓе зборуваат руски јазик, околу 350 милиони, одлично го разбираат, а надвор од татковината (Русија) живеат повеќе од 30 милиони, на кои рускиот јазик им е мајчин.

Денес нема потреба да се докажува значењето на рускиот јазик и Русија во минатото, но и сега во 21 век. Русија имала и ќе има големо влијание во светската цивилизација и светските достигнувања, благодарејќи на својата литература, култура и наука. На руски јазик зборувале големите поети, твореле големите композитори, пишување големите научници. Тоа е јазик на Толстој и Пушкин, јазик на Чајковски и Стравински, јазик на Ломоносов и Менделеев.

Рускиот јазик денес, се посилно се позиционира во рамките на глобалните процеси и тој е клуч кој ги отвора вратите на иднината, преку поврзувањето на луѓето, подоброто запознавање и размената на идеи за соработка во областа на културата, образованието и науката.

Затоа, вашиот избор да го изучувате рускиот јазик е правилен...„

Обучени 600 кандидати на курсевите по руски јазик

Скопје, 4 јули 2017

Ректорот на Универзитетот, проф. д-р Никола Јанкуловски, во своето обраќање се осврна на реализацијата на курсевите: „... На 21 октомври минатата година се одржа првиот час од курсевите по руски јазик, организирани од страна на Рускиот центар при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Бројката на поднесените пријави за посета на овие курсеви беше над сите очекувања, но сепак беа сторени големи напори од сите инволвирани за да се излезе во пресрет на пројавениот интерес и да им се даде можност на сите заинтересирани да го посетуваат курсот. Беа организирани неколку турнуси и повеќе групи. Се работи по одлично разработена програма за руски јазик како странски јазик за говорители на словенски јазици, во случајов на македонскиот, која долго време се применува во Руската Федерација и во чија изработка биле вклучени искусни и познати стручњаци. На 17 февруари 2017 година беа доделени првите сертификати по руски јазик на курсистите од првиот турнус на бесплатните часови по руски јазик. Денес сме собрани тука по истиот повод. Во оваа прилика би сакал да им се заблагодарам на сите наставници кои беа вклучени во наставата...„.

Н.Е. Амбасадорот на Русија во Македонија во своето поздравно обраќање се осврна на значењето на рускиот јазик и значењето на Центарот: „... Сите ние сме искрено задоволни со успешната работа на курсевите, бидејќи познавањето на странски јазици, меѓу кои е и рускиот во современиот свет е исклучително важно за проширување на погледот, запознавање со различноста на не толку едноставниот свет кој нé опкружува и зацврстување на взаемното разбирање меѓу луѓето. Бесплатните курсеви во „Рускиот центар“ се единствена можност не само да се допре до духовното богатство и милениумската култура на Русија, туку и да се здобие со важна конкурентна предност, која секогаш ќе биде во корист од професионален аспект. Затоа што рускиот јазик е јазик на светската литература, музика, наука, напредни технологии, вселенски истражувања, интернет и уште многу различни сфери...“

© 2016 Почётное консульство Российской Федерации в Охриде

  • Facebook Social Icon
  • Twitter Social Icon