Новости и настани

Доделени сертификатите за завршен курс по руски јазик во Охрид

Охрид, 2 јули 2018

Во Конгресниот центар на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” од Скопје, кој е лоциран на бреговите на прекрасното Охридско езеро, денес беа доделени сертификатите за завршен курс по руски јазик за прв степен, на курсистите од Охрид.
Рускиот центар при Универзитетот, во академската 2017/2018 година, започна со организација на бесплатни курсеви по руски јазик во Охрид. Курсевите ги посетуваа ученици, студенти и граѓани од сите возрасти, а наставата ја изведуваше д-р Елена Обухова, доктор по филолошки науки.
На доделувањето на сертификатите пред присутните се обратија директорот на Рускиот центар проф. д-р Велимир Стојковски и претставникот на државната агенција Россотрудничество во Република Македонија, г. Артјом Румјанцев.

Проф. д-р В. Стојковски во своето обраќање се осврна на значењето на рускиот јазик од културен, историски и цивилизациски аспект. „...Рускиот јазик е јазикот на кој што говорат 350 милиони луѓе во светот. Тоа е јазикот на кој твореле најголемите поети и композитори, јазик на кој што пишувале најголемите научници. Тоа е јазикот кој прв прозвучел во бескрајното вселенско пространство. Рускиот јазик е единствен по богатството на зборови и изрази со кои можете да ги искажете и најдлабоките чувства, а таквиот јазик може да биде само јазик на духовно богат и голем народ. Тоа е јазикот кој ќе ви ги отвори вратите на иднината. Затоа, вашиот избор да го изучувате рускиот јазик е правилен...”, кажа меѓу другото директорот проф. В. Стојковски.

 

Артјом Румјанцев, изрази задоволство од реализираниот курс и им се заблагодари на сите кои учествуваа во неговата реализација.Курсистите беа презадоволни и благодарни што Руската Федерација преку Фондот „Руски мир” им овозможи бесплатно изучување на рускиот јазик. Сите тие, ги совладаа основите на рускиот јазик, и истовремено изразија желба и подготвеност во наредната академска година да продолжат со изучување на јазикот на повисоко ниво.

© 2016 Почётное консульство Российской Федерации в Охриде

  • Facebook Social Icon
  • Twitter Social Icon